По презентирањето на финалниот извештај на анкетната комисија, во кој стои дека претседателот Илир Мета ги прекршил уставните надлежности, реагираше неговиот портпарол Теди Блуши.

Тој, на статус на Фејсбук наведува дека нема да коментираат и оти ни најмалку не се вознемирени и загрижени за „ нелегалните одлуки или активности што ги спроведува еднопартиско собрание“.

„Без коментар и нула загриженост за каква било ништовна одлука или противуставно и незаконско работење на еднопартиското собрание, кое очајно се обидува да сврти внимание на друга страна од јавната расправа за докажаните изборни криминали од 25 април, од сторителите и нивните инспиратори, тутори и соработници во оваа фарса против единствената институција што го почитува и штити Уставот на Република Албанија и нејзиниот суверенитет“, наведува Блуши.

Додава дека Мета ќе биде на функцијата до 24 јули 2022 година.

„Претседателот на Републиката, Илир Мета, ќе продолжи да ја извршува својата должност до 24 јули 2022 година, со истата висока одговорност, само во однос на почитувањето и заштитата на Уставот и националниот интерес“, пишува Блуши.

Според најавите извештајот и гласањето за разрешување на Мета треба да бидат на дневен ред на Парламентот на 10 јуни. За разрешување на Мета потребни се 94 гласови што, ако се има предвид дека формирањето на комисијата го поддржаа 97 пратеници, не е проблем да се обезбедат. Сепак, каква и да биде одлуката, последниот збор ќе го има Уставниот суд.

Инаку, претседателот Мета никогаш не го призина за легитимен парламентот, откако во февруари 2019 година, Демократската партија и Движењето за социјалистичка интеграција се откажаа од пратеничките мандати. Нивните места ги пополнија кандидати кои беа на кандидатските листи на овие партии, но не целосно, па законодвниот дом кој треба да брои 140 пратеници, не се пополни.