Отворање на фитнес центрите, употребата на терените на отворено за мал фудбал и кошарка, намалување од 50 на 25 отсто на работата од дома за вработените во приватниот и државниот сектор, се новите олабавувања на мерките во Грција што попладнево ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас, јави дописничката на МИА од Атина.
Фитнес центрите ќе почнат со работ во понеделник, под строги здравствени протоколи кои дополнително ќе бидат објавени, а една од мерките веројатно ќе биде и употреба на двојна маска.
Хардаљас на денешната редовна прес конференција соопшти дека од следната седмица ќе се воведе нова алатка на специјален сајт за граѓаните да можат да се информираат за епидемиолошката слика во земјата, да ги следат текот на пандемијата и статистичките податоци во однос на бројот на позитивни случаи во однос на направени тестови, бројот на вакцинирани по региони и сл.
Паралелно, објасни дека доколку во некој дел од земјата се забележи значително зголемување на новите случаи, ќе бидат воведени рестрикции како што се: полициски час од полноќ, забрана за собири над девет лица, во угостителските објекти дозволено до четири лица на маса.
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција истакна дека во овој момент постојат делови од земјата што предизвикуваат загриженост поради зголемениот број новозаразени, а меѓу нив се островот Родос, градот Митилини на Лезбос и градот Хања на островот Крит.
Во однос на актуелните мерки што се во сила нема никакви промени, маската и понатаму е задолжителна и на отворено и во затворен простор, полицискиот час останува од 00.30 часот, а продолжена е и забраната за музика во угостителските објекти, што работат само на летните тераси.