Жители на беровското село Будинарци апелираат за помош до надлежните и хуманите граѓани откако нивниот имот пред два дена беше погоден од гром и притоа целосно изгоре. Во невремето што го зафати Берово по удар на гром во четвртокот на 27 мај опожарени се неколку плевни во селото Будинарци, по што дел од сопствениците изгубија се што имаа. -Мислев дека громот удрил во соседното село Митрашинци, а тој удри во нашата плевна, беше страшна глетка. За кратко време ги зафати и другите плевни кои се во близина. Штетата е голема имавме 280 бали сено кои изгореа, исто така и два трактора кои не можевме да ги спасиме. Сите луѓе помогнаа во гаснењето на пожарот заедно со пожарната служба. Упатуваме апел до надлежните и хуманите граѓани да ни помогнат бидејќи штетите се огромни. Воедно им благодариме на сите што помогнаа во гаснењето на пожарот, вели Петар Пармачки. Неговиот роднина Здравко Пармачки апелира надлежните да помогнат во рамки на своите можности, затоа што имотот не бил осигуран. Од територијалната противпожарна единица во Берово истакнаа дека брзата интервенција била клучна за спречување пожарот да се прошири и во околните куќи кои исто така биле зафатени. Во пожарот целосно изгореа два трактора, 280 бали сено, дрвен материјал, како и мал дел од добиток.