Во фоајето на Домот на АРМ во Струмица денеска беше отворена ликовната изложба „Цвеќе 2021“ и беа доделени наградите на најдобрите млади ликовни творци по повод Републичките детски средби, кои се одржуваат по 31 пат.

Првото место го поделија ученичките Ани Цветанова од ООУ „Видое Подгорец“ од Струмица и Марија Јанева од ООУ „Гоце Делчев“ од Босилово, двете втори награди ги добија Олга Димитриева од „Видое Подгорец“ и Анастасија Делева од „Свети Кирил и Методиј“ од Иловица, а четирите трети награди ги добија учениците Лилјана Конеска од „Гоце Делчев„ од Вељуса, Даниела Стојкова од „Даме Груев“ од Куклиш, Мерије Мемедова од „Атанас Нивичански“ од Нова Маала и Марија Грозданова од „Видое Подгорец“ од Колешино. Жири комисијата додели и неколку посебни награди

Според организаторот, Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица, годинава на распишаниот конкурс заради пандемијата учествувале само ученици од основните училишта од струмичко.

-На конкурсот пристигнаа 170 творби, а од нив се наградени 12 творби. Кога ќе ги погледнете цртежите ќе видите дека има деца кои имаат желба да работат и творат и покрај сутуацијата и гледате дека има деца кои имаат креативност и дарба и тоа го пренесуваат на цртежите, рече директорката на Домот за деца и млади „Благој Мучето“, Светлана Мазгалоска Вучетиќ.

Додаде дека вториот дел од манифестацијата ќе се одржи во септември со цртање на отворено, а третиот дел е аранжирање на цвеќе.

Инаку, денешниот настан беше во рамки на манифестацијата „Струмица град на културата 2021“.