Втората вечер на „Танц фест 2021“ ќе биде посветена на студентите и дипломците од Катедрата за современ танц на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип кои, според организаторот на фестивалот, се новата енергија и креативна сила на современата домашна танцова сцена.
Од 21 часот во Домот на Армијата ќе биде изведена „Погрешно“ на кореографката Адријана Данчевска, асистент на Катедрата, во изведба на Исидора Краљевска, Ивана Балабанова, Борис Богдановски, Викторија Коцева и Антонија Димитриевска, и „Јас сум, тука сум“, со која ќе дипломираат втората генерација студенти на Катедрата за современ танц при УГД – Исидора Краљевска, Ивана Балабанова, Борис Богдановски под менторство на професорот Рисима Рисимкин, во соработка со стручниот соработник Анастасија Данчевска.
Како што соопшти организаторот, отворањето на 17. „Танц фест“ вчера во Домот на Армијата беше проследено со овации, во интимна атмосфера, но со огнена енергија, а публиката уживаше во македонско-словенечкиот спој на сцена.
– Вечерта ја отвори словенечкиот танчар Жиган Крајнчан, кој со изведбата на „Fusion with Myself”, во продукција на „Егзодос“ од Љубљана и извршниот директор и продуцент Наташа Заволовшек и извонреден технички дел – светло, фотографија и видео, зад кои се потпишува Борут Бучинел, на публиката ѝ претстави нешто сосема поинакво на сцена, соопшти „Танц фест“.
На првата фестивалска вечер настапија и кореографката и танчарка Адријана Данчевска и Дејан Битровски со премиерата на „Не ми ги допирај очите“. Авторка на кореографијата, изведбата и костимите на претставата е младата Данчевска, а на музиката – „Artefakt“ и Гордан Спасовски трио.
На отворањето на фестивалот, меѓу другите, беше и Дидие Дешам, кој повеќе од една деценија го раководеше Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз.