Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, втор месец го реализира проектот Креативна стрип кампања „МАКЕДОНИЈО, ЗЕЛЕНА ТИ ЌЕ БИДЕШ!“, што се реализра во рамки на Концептот ЗЕЛЕН СКОК – Партнерства за климатска акција финансиран од страна на Фондацијата Отворено Општество Македонија. Проектот ќе се реализира четири месеци.
Како што информира Томе Трајков од СЦМ-Велес, главна цел на проектот е развој на еколошката свест кај населението во земјава, а ќе се спроведе преку креативна кампања и мобилизација на младите генерации од сите средини креативно да размислуваат за еколошките проблеми преку користење на креативната алатка – СТРИП.
Главни активности во проектот се подготвување и цртање на наменски стрип којшто ке биде изработен од страна на професионално ангажирани автори, сценарист и цртач коишто ке изработат стрип на шест страници, како и објава на конкурс за посебни ученички стрипови од кои ќе се изберат најдобрите и доделат пригодни награди. Наменскиот професионален стрип, како и најдобрите стрипови по тематскиот стрип конкурс ќе бидат вметнати во посебен тематски каталог, заедно со претставување на проектот, организацијата носител и персоналот.
Тој информира дека тимот на Стрип центар на Македонија-Велес веке го изработил сценариотo на наменскиот стрип што ке го нацрта млада авторка Евгенија Трајковска, студентка на Ликовна академија при УКИМ.
-Како што може да се види,темата на проектот е стопирање на енормното аерозагадување, растечката загрозеност на биолошката разновидност, намалување и злоупотребата на зелените површини и водите, управување со цврстиот отпад…, кои секогаш биле предмет на делување на граѓанските организации, институции и поединци, појаснува Трајков.
Додава дека креативноста на овие залагања се обезбедува преку користење на алатката СТРИП за промоција на еколошките теми.
–Стрипот како деветта уметност опфаќа неколку сегменти цртеж, текст, порака, позитивни јунаци. Особно во минатото тој беше многу популарно средство кое на младите им овозможуваше, читајќи го, да „патуваат и фантазираат“. Еден од великаните на стрипот Хуго Прат има речено дека „тој ги црта текстовите и ги пишува сликите“. Според други дејци, стрипот е „филм на хартија“, потсетува Трајков.