Последниот кичевски казанџија, мајстор Коста Галиманоски, подолг период подготвува дела со кои ќе се претстави на уникатна изложба, која во Кичево треба да биде отворена до крајот на јуни, а ќе ја види и публиката во повеќе градови во земјава.

-Во изминатите неколку месеци паралелно со тековната работа интензивно ги подготвувам делата што ќе бидат претставени на уникатната изложба што ова лето ќе биде отворена во Кичево. Подготвувам шест автентични штитови кои по сите белези наликуваат на штитовите што пред неколку века се користеле во борбите што се воделе низ повеќе европски земји. На изложбата ќе биде застапено и моето минијатурно казанче од четири литри – прво со ваква големина изработено во земјава. Подготвив и два меча кои ќе бидат дел од изложбата, како и повеќе амблеми и два бакрореза на кои ќе бидат претставени антички пари што биле во оптек на овие простори, рече казанџијата Галиманоски.

За одредени реквизити, како што се штитовите и мечевите, тој се консултира со историчари за целосно да ја долови нивната автентична големина и форма, какви како што биле користени пред повеќе векови.

Мајсторот Галиманоски се надева дека неговата изложба ќе ги заинтересира граѓаните на Кичево и на други градови во државава, а посакува на изложбата да присуствуваат и претставници од амбасади на европските земји чии реквизити ќе бидат застапени.

-Иако состојбата со пандемијата е нешто поповолна во последниве две-три недели, сепак планирам за време на изложбата да бидат запазени сите протоколи пропишани со Ковид-19 . Моја желба е изложбата да ја претставам на отворено на платото пред Центарот за култура во Кичево, додаде Галиманоски.