Лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Љумир Абдиџику вели дека Двжењето Самоопределување (ВВ) на премиерот Албин Курти го има најслабиот старт, каков што ниедна влада на Косово немала досега, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната дебата на невладината организација Зборувај отворено (ФОЉ), Абдиџику рече дека владината програма е несериозна, а партијата на Курти „владее со ароганција и се занимава со минатото“.

Според опозицискиот лидер кабинетот на Курти „наликува на влада на приправници“

– Оваа влада го има најслабиот старт каков што имало Косово досега, во смисла дека не знае да се однесува, владее со ароганција и се занимава со минатото. Имаме слаба влада, програмата ѝ е несериозна и не прооизведува ништо. Ислучок не претставува ниту надворешната политика, па наликува на влада на приправници. Потребно е економско заздравување по пандемијата, во програмата нема ниедна болница која ќе се изгради во наредните четири години. Влада која се занимава само со минатото, рече Абдиџику.

Тој нагласи дека неговата партија, ЛДК, нема да се однесува во опозиција како што тоа го правеше ВВ, а и нема да учествува во дијалогот со Србија, за кој, како што вели, Курти не знае што да прави.

– ЛДК нема да учествува во дијалогот, им предадовме еден документ, затоа што не знаат што да прават. Не велиме „не“ на дијалогот, но одете и бранете го Косово. Оваа влада е целосно неспремна за дијалог и бара претекст истиот да го избегне. Ако им е тоа намерата, треба да кажат, порача Абдиџику.