Претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој денеска се состана со претседателот на Претседателството на БиХ Милорад Додик и претседателката на Република Српска Жељка Цвијановиќ, изјави дека Србија „во согласност со своите овластувања според Анекс 10 од Дејтонскиот договор” ќе побара извештај од високиот претставник за состојбата во БиХ и ќе ги искажува своите ставови, слушајќи што има да каже Република Српска во врска со ова прашање, јави дописникот на МИА од Белград.

-Србија ќе започне да се однесува на начин што не го правела досега, и во согласност со потпишаното, што ги прави валидни нормите, изјави Вучиќ, додавајќи дека е „опасно да се игра со Бонските овластувања, со наметнување на закони и уставни решенија без согласност на сите три народи, без почитување на Дејтонскиот договор и без согласност на Република Српска”.

На прашањето на прес конференцијата дали барањето на Србија за извештај од високиот претставник значи дека назначувањето на Кристијан Шмит е прифатливо, Вучиќ кажа дека за ова прашање не одлучува Србија, туку Советот за безбедност на ООН и истакна дека за сè мора да се разговара, потенцирајќи дека не може да се носат одлуки на штета на едната страна.

Претседателот на Претседателството на БиХ Милорад Додик на прес конференцијата изјави дека темата на средбата со Вучиќ била состојбата во Република Српска и дека тие го информирале претседателот Вучиќ за деталите.

-Со посебен осврт на она што е поврзано со најавата дека, заобиколувајќи ги предвидените процедури од Анекс 10, се прават обиди за назначување на висок претставник за БиХ без резолуција на Советот за безбедност, што ние сметаме дека е насочено против интересите на Република Српска и српскиот народ во БиХ, изјави Додик.

Тој додаде дека тие веруваат дека сè треба да се врати на курсот на законитоста и дека со релевантна резолуција на Советот за безбедност на ООН треба да се обезбеди именување на висок преставник во БиХ и дека, доколку тоа не се случи, тој нема да има легитимитет.

-Сметаме дека Канцеларијата на високиот претставник треба да се затвори и дека за ова одамна е поминато време. Заклучоците на оваа тема се донесени уште во 2005 година, иако усвојувањето на околу пет цели и два услови од некои во меѓународната заедница го ставија високиот претставник во позиција никогаш ова да не биде затворено, кажа Додик.