Албанскиот премиер Еди Рама се наоѓа во дводневна посета на Република Турција, каде се сретнал со претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Рама на Инстаграм објави фотографија со Ердоган на која пишува „пријатели“.
Целта на посетата на Анкара, според него, е унапредување на „билатералната соработка меѓу министерствата, за напредокот на заедничките проекти“.
„Дводневна посета за напредок на билатералните проекти за соработка меѓу министерствата и организирани контакти со инвеститори во дигиталната технологија, туризмот, фармацевтските производи, енергијата, транспортот“, напиша Рама.
Рама, кој е голем пријател со Ердоган, во посета на Анкара беше на почетокот на јануари а потоа и на крајот на март кога потпиша договор со турската компанија – дистрибутер „Кејмен илач Санаји тикарет“ (Keymen Ilaç Sanayi ve ticaret), за еден милион вакцини „Синовак“.
По враќањето во Тирана тој најави отворање фабрика за производство на вакцини во Албанија.
– Сакам со вас да споделам една многу добра вест. Почнавме разговори да ја донесеме фабриката за вакцини, која во моментов е една од најголемите фармацевтски компании во светот, која исто така ја дистрибуира вакцината „Синовак“, а е производител и на други фармацевтски производи, рече тогаш Рама.