Во националната установа „Уметничка Галерија Тетово“ денеска беше отворена самостојната изложбата на слики на уметникот Мицко Мице Јанкуловски, по повод 50 години творештво. Тој се претстави со неколку десетици негови дела од творештвото наречено „Форма 3“, кои се карактеризираат со тоа дека се направени само со црна боја. Покрај изложените слики, беа презентирани публикација и видео.

-Сликите се исклучиво со црна боја акрилик или маслена техника со голема структура. Тоа е минимализам, со минумум средства да направите ефект, без боја, без четки, користејќи не сликарски материјал, разни гребла, шпакли, чешел, нокти, се гребе и се обидувам да ја доловам таа кинетика, како се движи светлото. Ако застанете на една слика и се движите од едниот кон другиот крај вие гледате сосема друга слика, изјави Мицко Мице Јанкуловски.

Изложените дела заинтересираните може да ги погледнат до 23 јуни, во просториите на уметничката галерија.

Авторот е роден во 1954 година, а пет декади е присутен преку различни уметнички дисциплини, додека постојано е посветен на истражувањето во областа на слиакрството и цртежот.

Има над 50 самостојни изложби и добитник е на многу награди, меѓу кои Ел Греко за најдобар уметник на Арт Тесалоники 2019, високата награда за животно остварување за сликарство „Лоренцо Ил Мањифико“ (Лоренцо Величествениот) на 12-то Меѓународно биенале на современа уметност Фиренца Биенале 2019 г., Италија, наградата Уметник на светот на Ларнака Биенале 2018, Кипар и други награди.