Началникот на бугарскиот Генералштаб, адмирал Емил Ефтимов, се сретна со командантот на Копнените сили на САД во Европа, генерал Кристофер Каволи. Како што јави дописникот на МИА од Софија, на средбата што се одржа пред денешната демонстрација на можностите на копнените сили на вежбата „Strike Back – 21“, присуствуваа и амбасадорот на САД во Бугарија, Херо Мустафа, командантот на бугарските Копнени сили, генерал-мајор Михаил Попов, и директорот на Генералштабот, генерал-мајор Стајко Прокопиев, а се разгледаа фазите на вежбите „Дефандер Европа-21“ и „Стабилен бранител-21“, постигнатото ниво на интероперабилност, аспектите на воената мобилност и интеграцијата на силите.
Адмиралот Емил Ефтимов ја истакна важноста на сеопфатното и навремено планирање на активностите за одвраќање и одбрана на југоисточното крило на НАТО, со цел да се развие соодветен потенцијал за неутрализирање на постојните и потенцијалните безбедносни закани.
Генералот Каволи го пофали заедничкото планирање и спроведување на низа поврзани вежби на територијата на Република Бугарија, како и поддршката што ја дава земјата домаќин.
Во текот на разговорите беа разгледани воените аспекти на патоказот за одбранбена соработка меѓу САД и Бугарија, како и развојот на можностите на копнените сили.
Како дел од Националната тактичка вежба со борбено стрелање со меѓународно учество „„Strike Back 21“, денеска бугарскиот претседател, Румен Радев, и министерот за одбрана Георги Панајотов ќе присуствуваат на демонстрација на воени можности на полигонот Корен кај Хасково.