Со наслов „Релации“, денеска во ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков“ е поставена изложбата на дела на уметникот Игор Таневски. Гостин во проектот е Филип Ивановски-Пепе.

Инсталацијата „Релаци“ упатува на човековиот однос спрема природата и животот во време на изолација, на сепарација и во време на карантин кога запираме на определено време со своите рутински постапки. Инсталацијата се состои од дигитален отпечаток на интервенција во простор, објекти боена со транспарентна пластика или неколку модели на кооперација и полиптих од Филип Ивановски-Пепе, гостин во проектот кој ги претставува Приказните од нашето секојдневие.

Авторот Таневски вели дека преку експериментирањето со различни технологии и техники при реализирањето на делата се интересира за прашањата врзани со елементите, водата, со просторната перцепција; како човештвото дејствува во сегашноста и каква иднина создаваме и, на крај, како во суштина се менува светот.

– Со визуелното и ликовното истражување во полето на инсталацијата, објектот, сликарството и дигитално обработените видео-фрејмови, уметноста ја доживувам како отворен систем кој константно го шири нашиот спектар за восприемање искуства, вели Таневски.

Таневски дипломирал на ФЛУ во Скопје. Има неколку самостојни изложби, а добитник е на неколку награди, меѓу кои и наградата „Борко Лазески“ од ФЛУ Скопје во 2018 година.