Имам кажано и го мислам тоа, избори ќе има на крајот на четиригодишниот мандат, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на состанок на Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина.
Со ова, Мицотакис уште еднаш им стави крај на сценаријата и шпекулациите за можни предвремени избори во Грција.
Додаде дека ова, во никој случај не смее да биде причина за неактивност „затоа што многу добро знаеме дека подготовките особено за избора трка мора да бидат континуирани”.
Грчкиот премиер и претседател на Нова демократија, паралелно, соопшти дека 14-от конгрес на партијата ќе се одржи во декември.
Во изминатите денови, во грчките медиуми сè поинтензивни се сценаријата за можна реконструкција на Владата, што би можела да се случи или на почетокот на следниот месец, кога на 7 јули се навршуваат две години од победата на Нова демократија на изборите или во септември во пресрет на Меѓународниот саем во Солун, кога традиционално премиерот на земјата ги соопштува приоритетите и програмата на Владата.