Младите од Делчево и годинава се приклучија на акцијата „За поубаво и почисто Делчево“, кој се реализира на иницијатива на делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, со средства обезбедени од буџетот на Општина Делчево.
Џулиета Мемедова од ЕЛС Делчево информираше дека активноста се реализира втора година по ред и годинава е извршено бојадисување на јавен имот на неколку локации во градот. Акцијата како што дополни се реализира на иницијатива на градоначалникот на Делчево, со средства обезбедени од буџетот на Општина Делчево.
– Акцијата се реализира во соработка со волонтери од Црвен крст Делчево, членови на културно-уметничките друштва „Гоце Делчев“ и „Никола Јонков Вапцаров“. Во тие рамки минатата година беа опфатени сите огради на мостовите и дел од детските игралишта, а оваа година продолжуваме со бојадисување на оградите на улиците Илинденска, Генерал Темпо, Брегалничка и исто така бојадисување на детското игралиште во населбата Ново Делчево, рече Мемедова.
Таа истакна дека во рамки на ацијата „Младите за поубаво и почисто Делчево“ спроведени се и неколку мали акции во селата Стамер, Град, Вирче, Разловци и Тработивиште.
– Во село Стамер во моментот се чистат гробиштата од христијанска вероисповед, во село Тработивиште игралиштето во состав на подрачното училиште е целосно реновирано, поставени се нови мрежи, се со цел да го подобриме квалитетот на живеење како на младите така и на другите жители од Општина Делчево, рече Мемедова.