На Албанија и претстои „жешка” недела на политички план – три настани што треба да се случат, а кои најверојатно ќе имаат последователни ефекти во политичкиот живот.

Првиот е гласањето во парламентот за разрешување на претседателот Илир Мета што е настан без преседан во земјата. Вториот е конгресот на социјалистите, на кој се очекува реорганизација на партијата и третиот изборот за нов лидер на најголемата опозициска сила, Демократската партија (ПД), кој го става актуелниот Љуљзим Баша пред тежок тест: дали ќе продолжи на чело на ПД, но и за неговата иднина во политиката.

Претпладне, во 10:00 часот на 9 јуни пратениците во законодавниот дом ќе се најдат пред гласачка кутија за разрешување на шефот на државата, што за првпат се случува во трите децении плурализам. Во ова последно соочување со Илир Мета, на социјалистите им требаат 94 гласа, што тие ги немаат. Сепак, не се очекуваат изненадувања, ако се има предвид дека за формирање анкетна комисија за негово разрешување гласаа 97 пратеници.

Три дена подоцна, владејачките социјалисти ќе го одржан својот конгрес не за да го изразат изборниот триумф од 25 април, туку „да ги прецизираат организациските активности за следните локални и парламентарни избори во 2023 односно 2025 година”.

Во меѓувреме, лидерот на социјалистите, Рама, ќе ги презентира приоритетите на владата во овој трет мандат. Со голем интерес се очекуваат сигналите што Рама може да ги даде за критериумите за избор на нови министри во новиот владин кабинет.

Ден подоцна, на 13 јуни, по принципот „еден член, еден глас” демократите одлучуваат кој треба да ја предводи најголемата опозициска партија во земјата по неколку последователни изборни порази. Демократите ќе избираат меѓу четворица кандидати.

Довербата ја бара Баша, кој обвинува за изборен масакр на 25 април и бара предвремени парламентарни избори. Противкандидатите редовно ги нагласуваат неуспесите на Баша и потребата да се започне ново поглавје во партијата.