Европската комисија официјално потврди дека идната недела ќе се одржи нова рунда преговори помеѓу Белград и Приштина во рамките на ЕУ дијалогот за нормализација на односите, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова ќе биде прв пат на овие преговори да учествува новиот премиер на Косово, Албин Курти. Српската страна ќе ја застапува претседателот Александар Вучиќ, а медијатори ќе бидат високиот претставник за надворешна политика, Јосеп Борел и специјалниот претставник за западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Рундата требаше да се одржи во март, но беше одложена поради негодување од страна на Приштина.

Главна тема на оваа рунда ќе биде како да се оди напред во нормализацијата на односите помеѓу двете страни.

Портпаролот на Европската Комисија, Петер Стано, изјави дека иако се менуваат владите и партнерите, заложбите остануваат исти.

-ЕУ и земјите членки очекуваат од двете земји да продолжат да се посветат на дијалогот и да ги спроведат минатите договори, и да покажат подготвеност за компромис за да можеме да стигнеме до сеопфатен договор за нормализација на односите, рече Стано.