Општина Виница ќе го продолжи проектот за регулација на Градечка Река, со спроведување на втора фаза за делот од нејзиното корито што поминува низ градското подрачје.

За реализација на техничкиот проект се обезбедени средства од Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Програмата за управување со води во 2021 година, а веќе е објавен и јавниот повик за избор на изведувач на градежните работи.

– Со втората фаза за дорегулација на реката ќе се изработи комплетно ново кејско уредување со должина од околу 170 метри, па заедно со веќе завршените градежни работи во текот на минатата година, ќе добиеме нов, урбанизиран дел од над еден километар. Во техничката спецификација на проектот е предвидено да се изградат бетонски ѕидови чии видливи делови ќе бидат обложени со камен. Со ова уредување на Градечка Река, освен непречениот проток на водата и подобрувањето на естетскиот изглед, ќе овозможиме реализација и на идејата за уредување на ново шеталиште за граѓаните – истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Според зацртаните рокови, по изборот на изведувачот, работите на терен треба да почнат идниот месец, а дорегулацијата на речното корито да се комплетира до крајот на оваа година.

За третата фаза ќе остане да се довршат уште околу 250 метри од кејот, северно од сообраќајниот мост кон селото Лески, како и уште педесетина метри јужно од минатогодишното уредување.