Неколку косовски медиуми денеска објавија дека претседателката на државата Вјоса Османи побарала оставка од претседателката на Централната изборна комисија на Косово (ЦИК), Ваљдете Дака, недолго пред наредните локални избори во земјата, кои треба да се одржат оваа есен, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според неименувани извори на медиумите, Дака ја одбила понудата на Османи, решена да го заврши до крај својот втор мандат, порачувајќи дека ја врши задачата во согласност со Уставот на Косово.

Порталот „Газета експрес” тврди дека на средбата одржана претпладнево во кабинетот на косовската претседателка, на Дака ѝ било понудено „државно признание во замена за оставката”, меѓутоа челничката на ЦИК ја одбила и таа понуда.

За време на последните парламентарни избори, кои се одржаа на почетокот на годинава, Османи, која се кандидираше за пратеник на листата на дотогаш опозициското Движење самоопределување (ВВ), ја напаѓаше претседателката на ЦИК, обвинувајќи ја дека работи во полза на тогаш владејачките партии.

Како тогашна вршителка на должноста претседателка на Косово, Османи се закани и дека ќе ја разреши Дака од фукцијата. Барањата за оставка и истите обвинувања на сметка на претседателката на ЦИК ги упатуваше, и продолжува да ги упатува, и сега владејачката ВВ на премиерот Албин Курти.

Ден пред денешната наводна средба во кабинетот на Османи, Дака изјави дека е под постојан притисок од страна на членовите на ВВ во ЦИК, но порача дека нема да се повлече од намерата да си ја врши работата согласно Уставот.

– Всушност, тие имаат проблем со мене, не јас со нив… Нема да поднесам оставка, затоа што јас само си ја вршам мојата работа, онака како што тоа од мене го бараат Уставот и Законот за избори и нормално дека, доколку имаше некое евентуално прекршување од моја страна сигурно сите ќе реагираа, а не само еден субјект, изјави вчера Дака.