Националната установа Центар за култура во Битола е подготвена за 22. издание на фестивалот на монодрама, што ќе почне со монодрамата „Кармен“ во изведба на актерката Биљана Драгичевиќ Пројковска.

Годинешниот фестивал што се одржува под покровителство на Министерството за култура и со поддршка на Општина Битола е посветен на македонските актери, кои од 22 до 27 јуни ќе се натпреваруваат за фестивалските награди и ќе настапат на повеќе културни сцени во Битола.

-Сонувавме за оваа година, и за Фестивалот кој сакавме да се одржи, и успеавме. Сите ние ќе му се радуваме на фестивалот како на најголем театарски празник, бидејќи во изминатите години не се забележал толку голем број на македонски монодрами колку што ќе има оваа година. Годинешниот фестивал, го посветуваме на нашите актери, на нивната работа и креации, кои во фестивалските денови, ќе го оживеат театaрскиот свет, истакна Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура-Битола.

Во конкуренција се десет монодрами, и освен Биљана Драгичевиќ Пројковска, во Битола ќе настапат и актерот Бобан Алексовски со монодрамата „Дневникот на лудиот“, Ефтим Гаурски со „Избувливиот човек“, Стојан Велков со „Кротка“, актерот Сашо Димоски ќе ја одигра монодрамата „Петто годишно време“, а Валентино Апостоловски ќе ја изведе монодрамата „Најлон“.

Селекторот Петар Мирчевски, доајен на битолскиот и македонскиот театар, за годиншениот фестивал ги избра и Здравко Стојмировски кој е автор на проектот „ЗОО приказна“, актерката Владанка Димовска која ќе настапи со монодрамата „Прво лице еднина“, а за награда ќе конкурираат и Моника Ставревска со „Исмеана“ и Ѓорги Јолевски со „Последната лента на крап“.

Фестивалот на монодрама ќе заврши со претставата „Луди за љубов“ од Сем Шепард чиј режисер е Јован Ристовски, а ќе биде одиграна во чест на актерите кои ќе освојат Гран при, награда за режија и награда за најдобар актер, а ќе ги доделат членовите на жирито Весна Петрушевска, Тодор Кузманов и Љупчо Ѓоргиевски.