На покривот на Домот на културата „Кочо Рацин“ вечер, во 19.00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Ecriture feminine и романот: прилог кон феминистичката теорија на жанрот“ на Марина Мијаковска. Издавач е Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) од Скопје, а промотор е Славчо Ковиловски.
Книгата зборува за теоретските и практичните аспекти на женското писмо. Значајно е што во неа се дефинираат неколку модели на женското писмо, преку анализа на делата на македонски и светски авторки: Оливера Николова, Ирена Јорданова, Лидија Димковска, Вирџинија Вулф и Маргерит Дирас.
Мијаковска се задржува на дефинирањето на жанрот роман, проучувајќи го пристапот на жените-авторки кон романот.
Марина Мијаковска е родена во Скопје во 1984 година. Пишува поезија, проза, есеистика, литературна критика и научни трудови. Дипломирала и магистрирала на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Доктор е на филолошки науки. Мијаковска од 2013 година е членка на Друштво на писателите на Македонија. Учествувала на многу меѓународни книжевни манифестации во земјава и во странство. Се стекнала со неколку книжевни награди во земјава и во странство. Досега има издадено стихозбирки за возрасни: „Номадска душа“ (2010); „Куфери“ (2013); „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2013); „Тиркиз во лето“ (2015); „Постела на тишината“ (2015) и „Коскена“ (2019), стихозбирки за деца: „Новогодишни детски песни“ (2017), книги со раскази: „Куќички“ (2014), есеистички и научни книги: „Жанровски полимер: Сандаче од ракописи во обид“ (2016) и „Модели на родовата идентификација“ (2018), како и аудио книги: „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2018).