Над еден милион евра се потребни за целосна санација на штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов", покажаа првичните пресметки на архитектите.

Новиот директор на Центарот за култура „Ацо Шопов"- Штип, Горан Трајков вели дека сега ќе се бараат пари преку Програмата на Министерството за култура, но и преку општината и Центарот за развој на Источно плански регион за изготовка на техничка документација, а потоа и средства со кои ќе се санира се што е потребно во него.

Овој објект одамна е бледа сенка, на она што беше пред повеќе од една деценија. МИА и претходно информираше дека кровот протекува на неколку места, столчињата за публиката се стари и крцкаат, а подрумот се полни со фекалии на секои поголеми врнежи од дожд. Објектот се затвара од октомври до март, бидејќи радијаторите пред неколку години исчезнаа, а крадците не се пронајдени.

-Во проектната програма што ја подготвуваме ќе треба да се изработат седум проекти. Секој проект е засебен, од санацијата на кровот, замена на прозори, греење, внатрешно уредување, столици, сцената, сценското осветлување, озвучувањето. Потребната опрема за работа на техничкиот персонал, од каблови, микрофони и се она што недостасува, вели Трајков.

Домот на културните работници и младите таленти деновиве повторно се става во функција, но ковид протоколите се уште важат за настаните во затворен простор. Центарот за култура „Ацо Шопов"- Штип е изграден во осумдесетите години на минатиот век има две сцени и спомен соба на поетот Ацо Шопов.