Штипските арт активисти денеска реализира нова акција, овој пат низ штипските улици и крстосници, а ја насловија како „Зебра Крадец”. Поставија картонски панели на крстосниците во Штип со дизајн зебра, која краде боја од пешачките премини и има за цел, како што велат, да го долови исчезнувањето на пешачките премини.
-Оваа акција ја спроведовме како резултат на претходно направеното онлајн истражување со граѓаните на Штип каде тие потенцираа и издвојуваа најголеми проблеми со кои се соочуваат во секојдневното живеење, велат од Штип Арт Активисти.
Посочуваат дека голем број граѓани им укажале на проблемот со исчезнувањето на зебрите, односно фарбаните пешачки премини и патна сигнализација.
-Останува возачите и пешаците на Општина Штип да возат и пешачат по сообраќајници со делумна или без патна сигнализација. Исто така и сведоци сме дека во поголемите општини и другите европски држави патната инфраструктура се прави на начин да не може да се избрише и истата е обележана со акрилна ладна пластика во дебелина до 7 мм и дозволува премин на четири милиони возила без да се оштети, велат Штип Арт Активисти.