Светскиот ден на бегалците оваа година е можност да размислиме подобро за несигурноста со која се соочуваат оние кои мораат да ги напуштат своите домови, на што другите беа сведоци и оваа година на пандемијата на коронавирусот, смета оскаровката актерка Кејт Бланшет.

Австралиската глумица и амбасадорка на добра волја на УНХЦР – Организацијата за бегалци при Обединетите Нации, рече дека денот којшто се слави на 20 јуни, оваа година е време на „предизвик и размислување“.

– Бевме принудени да се соочуваме со чувство на несигурност и тоа е, се разбира, ситуацијата со која живеат повеќето бегалци секоја година. Постои можност да се преиспита како се справивме со оваа несигурност и можеби да се ставиме во кожата на мајките, татковците, лекарите и адвокатите кои, без нивна вина, избегаа и живееја 18-19 години во состојбата, во која ние бевме овие 18 месеци, изјави Бланшет.

Темата на годинашниот Светски ден на бегалците повикува на поголемо вклучување на бегалците во здравствените системи, образованието и спортот.

– За жал, конфликтите низ целиот свет продолжија дури и за време на Ковид-19 состојбата, додаде Џилијан Тригс од УНХЦР.

Таа смета дека поддршка кон земјите домаќини на овие луѓе – мора да има. – Да им овозможиме на луѓето да добијат пристап до образование, нивните деца да одат на училиште, членовите на семејствата да работат… Но, исто така, се разбира – особено при пандемија, да имаат пристап до здравствени услуги и вакцини!, додаде Тригс.

Во својот годишен извештај објавен во петокот, УНХЦР објави дека бројот на оние кои морале да ги напуштат своите домови поради конфликт, гонење или кршење на човековите права е двојно зголемен во текот на изминатата деценија. На крајот на 2020 година имало 82,4 милиони бегалци во светот. Како дел од нејзината улога во УНХЦР, Бланшет ги посети Либан, Јордан и Бангладеш и се обрати пред Советот за безбедност на ОН за бегалската криза на малцинството Рохинџи во Мјанмар.

– Верувам дека Светскиот ден на бегалците не можеше да дојде во подобро време, затоа што сега навистина можеме да размислиме како може заедно да изградиме посилен, побезбеден и похуман свет, и дека инклузивноста е всушност натчовечка сила, вели оскаровката.


Администратор
21/06/2021 13:12