Новиот роман „Брезите што шумеа крај Темза“ од Катерина Серафимовска е промовиран на терасата на книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.
– Процесот на издавање на оваа книга се одвиваше со една убава динамика, во беспрекорна хармонија и моето искуство е навистина мошне пријатно, рече Катерина Серафимовска. .
Како што посочуваат од Арс Ламина публикации, дејството во „Брезите што шумеа крај Темза“ почнува во крајбрежна вила во Брајтон, Источен Сасекс и првично нуди визуелна контемплација кон Ламанш и кон француското копно, кое што само се наѕира низ маглата отспротива.
– Карактеристично за мојот начин на творење е што јас случајно поаѓам од една одредена точка (идеја) за романот и еднаш кога „ќе се родат“ ликовите, подоцна тие самите се вплеткуваат себеси во заемни корелации, настани и дијалози. Така беше и во овој конкретен случај, мојот главен машки лик – зрелиот професор по книжевност Е. Л. Адамски во мислите ќе се наврати на своето минато (во времето кога тој бил младо и неискусно момче во Лондон) и спонтано ќе почне да ја раскажува приказната за својот (не)обичен живот. Во меѓувреме, низ водите на легендарната Темза – полека, но сигурно, ќе истечат цели четири децении – а сосема на крајот, нараторот ќе ги врати читателите назад на појдовната точка од романот. Инспирацијата за приказната ја црпев пред сѐ од светот што нѐ опкружува и сите нас постојано нѐ подучува на разни искуства и мудрости, но и од својата богата внатрешна „духовна ризница“, рече авторката.
Гласот на нараторот на приказната е машки, на главниот протагонист Еди Ли (Едвард Лијам Адамски). Серафимовска вели дека не е првпат како авторка да говори во улогата на личност од машки пол.
– Тоа го сметам за посебен личен предизвик, зашто тогаш морам и одблизу да ги доловам – пред сè, начинот на размислување, како и начинот на дејствување и говорење на еден маж. Затоа што секој книжевен лик е самиот по себе автентичен, се обидувам тој/таа да бидат препознатливи не само според своите надворешни карактеристики туку и по своите особености како личности со сложен и повеќеслоен психолошки идентитет. Сметам дека мојата мисија како автор е коректно исполнета доколку успешно сум ги доловила личностите во целата своја уникатност, но и слоевитоста. Во принцип, во моите книги се наидува на мошне интересни машки херои, и тоа претежно од светот на уметноста, изјави Серафимовска..
Катерина Серафимовска (1972) веќе три децении е присутна на македонската книжевна сцена. Член е на ДПМ од 2001 година и е автор на десет објавени книги, меѓу кои и романите: „Забранет поглед“ (1999); „Насмевка со цимет“ (2016); „Поглед полн синило“ (2017); „Небото над реката Чарлс“ (2018); „Блесок на пролетта“ (2019). „Брезите што шумеа крај Темза“ е нејзиното најново остварување. Станува збор за слоевит роман во кој се испреплетуваат љубовта, страста, амбициите, себепронаоѓањето и простувањето.
– Во оваа топла и трогателна приказна сместена крај бреговите на Темза – таму каде што бурно треперат и нежно шумат крошните на сребрените брези, мошне ненаметливо се распливнува и дискретно ни се наметнува и идејата за проштевањето. Но, длабоко сум уверена дека на секој човек, во текот на животниот пат, му е интимно потребна двигателна внатрешна сила. Навистина ни се потребни верата, надежта и љубовта.. А токму љубовта е најубавиот сон што се сонува со затворени, но и со отворени очи. Бидејќи што би правеле сите ние, без сонот за љубовта?, укажа Серафимовска.
Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и веќе е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата.