Во рамки на „ECHO II: Traditions in Transition“ европски културен проект, СФЕРА Интернешнл вечер ќе отвори изложба која има за цел да покани уметници кои работат во областа на сликарство, скулптура, графички дизајн и занаетчиството за да создадат оригинални уметнички дела инспирирани од локалната традиција.

Изложбата ќе биде поставена во Мултимедијален центар Мала станица во Скопје. Во проектот учествуваа четири уметници од Северна Македонија, Бугарија, Грција и Унгарија кои твореа за време на уметничка резиденција во Преспанскиот регион во текот на мај годинава.

– Во контекст на ECHO II, локалните традиции се перципираат како динамични и развојни процеси кои ги обликуваат и се обликувани од животите на локалните заедници. Ова значи дека традициите се признаваат како конститутивни елементи на културните идентитети, но не се сметаат за „предмети“ што треба да се задржат непроменети и заштитени преку музеализација, велат организаторите на изложбата.