Со претставата „Луди за љубов“ од Сем Шепард, во режија на Јован Ристовски, в недела во Битола ќе биде затворено 22. издание на Фестивалот на монодрама.

Автор на проектот инспириран од истоименото дело на Шепард кое во 1984 година ја доби Пулицеровата награда е Хари Михајловски.

– „Луди за љубов“ е потребата на секој човек да има близина. Ние како цивилизација како да влеговме во еден повторувачки ритам, а човечкото тело ја сака природата. Текстот е сериозно драмско дело каде ние гледаме од античкиот код до денешното современо време, дека некои приказни, дека човечката трагедија се повторува, а тоа значи дека некаде има грешка која се повторува, рече меѓу другото режисерот Ристовски на прес-конференција во Битола.

Претставата „Луди за љубов“ премиерно ќе биде изведена в недела во чест на наградените од годинешниот фестивал на монодрама што го организира НУ Центар за култура-Битола.

-За претставата постои голем интерес. Воодушевена сум од овој квалитетен театарски производ што го доби нашиот фестивал и е резултат на континуираната соработка со битолските актери. Претставата ќе биде репризирана, а потоа и поставена на репертоарот на битолскиот театар како независен проект во кој настапуваат актерите Борис Чоревски, Илина Чоревска, Хари Михајловски и Валентино Апостоловски, посочи Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура-Битола и додаде дека оваа година најприсутна на фестивалот е публиката од помладата генерација.

Претставата „Луди за љубов“ е поддржана од Министерството за култура во рамки на програмата независна сцена.