Во издание на ПНВ Публикации од Скопје, на 29 јуни пред платото на Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи промоција на збирката филмски рецензии и есеи „Видеологија“ од Златко Ѓелески. Книгата ќе биде претставена низ разговор со авторот, што ќе го води Јулијана Величковска, главен уредник и основач на ПНВ Публикации.

-„Видеологија“ претставува збир на филмски рецензии и есеи за филмовите што се појавија и во домашната продукција и во светски рамки во 2019 и во 2020 година. Книгата е поделена на два дела, од кои првиот дел содржи анализа на долгите и на кратките играни и документарни филмови што беа продуцирани и снимени во нашата земја, а вториот дел од книгата содржи избор на дваесетте најквалитетни долги играни и документарни филмови што се појавија во 2019 и во 2020 година во светски рамки, велат организаторите на настанот.

Од ПНВ Публикации додаваат дека книгата претставува еден вид огледало на домашната и на светската филмска сцена, со цел да се воочат начелата според кои е препознаен стилскиот израз на домашните филмски автори, наспроти визуелниот маниризам на реномираните светски филмски автори и младите гласови што пирово се пробиваат во рамките на квантитативната понуда на филмски дела.

Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар, роден во 1986 година во Битола. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со филмска критика од 2008 година, како уредник и издавач во списанието „Кошмар“. Добитник е на наградата за најдобра филмска критика на 12. издание на филмскиот фестивал „Синедејс“ во 2013 година. Режисер е на краткометражните филмови „Од другата страна“ и „Мемоари“, организатор на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“, одговорен е и за музичките изданија на „Мрак“.