Албанската министерка за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу, од вакциналнот пункт во приморскиот град Валона, објави отворени денови за масовна вакцинација против Ковид-19, на сите граѓани над 18- годишна возраст.
-Врз основа на препораката на експертите на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ), одлучивме, како што се практикува во многу земји низ светот, следниот вторник и среда да бидат отворени денови за вакцинација. Значи, 29 и 30 јуни ќе бидат „отворени денови” за вакцинирање на населението над 18-годишна возраст, низ целата територија на земјата, изјави Манастирлиу.
Упати апел до граѓаните на возраст над 18 години да се пријават на порталот e-Albania, во текот на следните два дена, недела и понеделник, за да добијат термин кој треба да го искористат во споменатите два дена во местото на живеење.
Раководителката на Одделот за епидемиологија и инфективни болести при ИЈЗ, Силва Бино рече дека имунизацијата на помладите возрасти е важно за подигање на свеста и избегнување на можна епидемија на новата варијанта Делта.
-Процесот на вакцинацијата оди доста добро. Имаме многу добра покриеност, особено кај лицата над 70 години, што е најпогодена група во однос на смртноста, затоа е добар елемент што околу 70 проценти од оваа возрасна група е веќе имунизирана, но и кај другите возрасни групи имаме добра опфатеност. Затоа е многу битно да се намали возрасната група и повеќе, да се подигне свеста кај младите, особено со појавата на варијантата Делта, што може да влијае на младите, рече Бино.
Министерката Манастирлиу, најави дека летната сезона ќе биде сезона на масовна вакцинација, вакцинирање и дома и во најоддалечените села, каде не е опфатено целото население, особено постарите лица, кои не се во можност да одат во центрите за вакцинација.
Според неа до сега ванкцинирани се вкупно 930.126 граѓани, од нив 389.436 веќе ги примиле двете дози од вакцината.