Во Бугарија денеска се одржуваат важни избори, кои ќе бидат „генерална проба” за претстојните предвремени парламентарни избори на 11 јули, јави дописникот на МИА од Софија. Жителите на Благоевград избираат градоначалник откако беше отстранет победникот на локалните избори во октомври 2019 година, Румен Томов.
Седум се кандидати за градоначалничко место во Благоевград, од кои три се жени. Претставници на сите водечки политички сили во Бугарија учествуваат на изборите во Благоевград. Во Благоевград има отворено 115 избирачки места, каде гласањето ќе се одвива целосно машински, а на 19 избирачки места, поради помалку од 300 гласачи, ќе се користат ливчиња со хартија. Очекувањата се дека машинското гласање треба значително да ги олесни членовите на изборните комисии, но електронското гласање ќе биде вистински тест за граѓаните на Благоевград.
Право на глас имаат 60.498 луѓе. Според анкети новиот градоначалник на Благоевград ќе биде избран во вториот круг на локалните избори на 4 јули. Водечки во трката е независниот кандидат поддржан од ВМРО и ГЕРБ Андон Тодоров со 30,7 отсто, следува номинираниот од „Има таков народ”, Илко Стојанов со 29,8 отсто, кој беше член на краткотрајното 45-то Национално собрание на Бугарија. На трето место е соборениот градоначалник на БСП, Румен Томов со 15,8 отсто поддршка.
Една од причините за слабиот одoѕив утрото е веројатно задолжителното машинско гласање. Многу постари луѓе се загрижени за машинско гласање. Покрај Благоевград, избори има и во уште 7 места во различни региони на Бугарија.