Косовскиот премиер и лидер на партијата Движење Самоопределување (ВВ), Албин Курти изјави денеска дека цел на неговата Влада во идните преговори со Србија е постигнување конечен договор, кој, покрај меѓусебно признавање на двете држави, треба да опфати и зачленување на Косово во Организацијата на Обединетите нации (ООН), јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното обраќање на седницата на Генералното собрание на ВВ, Курти рече дека „договор кој го содржи признавњето од Србија, а не резултира и со место во ООН, или кој нуди место во ООН како замена за признавањето од страна на Србија, може да биде договор, но не може да биде конечен”.
– Сите го знаеме барањето за конечен и законски обврзувачки договор. За нас конечен договор е оној кој не го издвојува признавањето од страна на Србија од местото за Косово во ООН. (…) А, договорот ќе биде обвзувачки, според наше видување и убедување, единствено кога ќе ги има формата и содржината на еден меѓународен договор според барањата и целите на Виенската конвенција за Законот за трактатот, изјави Курти.
Тој порача дека преговорите со Белград не можат да продолжат во недоглед и дека тие „не се за статусот на Косово, туку за статусот на дијалогот меѓу Косово и Србија”.
– Се навршуваат 23 години преговори меѓу Косово и Србија, речиси половината од тој период со посредство или олеснување од страна на Европската унија. Не можеме да продолжиме во недоглед, но треба да знаеме уште на почетокот од дијалогот дека преговорите не се за статусот на Косово, туку за статусот на дијалогот меѓу Косово и Србија, а кој треба да се заснова на еднаквост и реципроцитет, исто како и меѓусебното признавање, изјави Курти.