Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија денеска ќе се одржи концертот на Бесиана Мехмеди – мецосопран и пијанистките Алба Мучоли Дехири и Пранвера Хоџа.

Бесиана Мехмеди е родена 1982 година во Приштина, Косово. Во својот роден град го завршила средното музичко училиште „Prenk Jakova“, а подоцна дипломирала на Академијата за уметности на Албанија во Тирана. Своите студии ги завршила во областа на музикологијата со одличен успех, под менторство на проф. Зана Шутериќи. Во периодот 2006 – 2013 година, Мехмеди ја извршувала должноста на асистент и предавач по Историја на музиката и Вокални техники во Државниот универзитет во Тетово. Од 2013 година работи како професор по Историја на музиката, Солистичко пеење и Вокални техники на Државниот универзитет во Тетово, Македонија.

Името на Бесиана Мехмеди се вбројува меѓу најпознатите албански пејачи. Таа има многубројни изведби во областа на класичната музика, а е позната и како професор по музика, публицист, радио репортер и медиумски презентер. Добитник е на бројни музички награди и е вклучена во репродуцирањето и интерпретацијата на некои од албанските фолк хитови. Активно учествува на различни фестивали, концерти и ТВ програми во Косово, Македонија, Албанија и други држави од регионот.

Алба Мучоли Дехирие родена на 6 мај 1982 година во Приштина. Основното, средното и високото образование го завршила во Универзитетот во Приштина, на Музичкиот факултет, каде се здобила и со магистерска диплома – Педагогија за пијано. Алба Мучоли Дехири има 15 – годишно искуство како наставник по пијано во Музичкото училиште “Prenk Jakova” во Приштина, Косово. Од 2014 година работи како професор по пијано на Музичкиот факултет – UHZ во Печ, Косово. Некои од нејзините научни трудови, со насока кон Педагогијата за пијано беа издадени неодамна. Алба има изведби на концерти одржани во Косово, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Германија.

Пранвера Хоџа е родена 1983 година во Приштина. Започнала со своите часови по пијано на 10 годишна возраст. Средното образование го завршила во Приштина. Во 2005 година дипломирала на Академијата за фини уметности во Тирана, во класата на проф. Анита Тартари. Во периодот 2006 – 2009 година студирала Економија – Банкирање, Финансии и сметковотство на Приштинскиот универзитет. Во 2010 година запишала магистерски студии на Факултетот по музичка уметност, со насока Пијано. Студиите ги завршила во 2011 година во класата на проф. Т. Светиев со највисоки оценки.

Пранвера има учествувано на многу музички фестивали, а исто така има остварено многубројни соработки со соло пејачи и инструменталисти. Има одржано многу соло концерти во Албанија, Црна Гора, Белгија, Македонија, Франција, Србија и Австрија. Од 2006 година работи како наставник по пијано во средното училиште „Prenk Jakova“ во Приштина. Како музички придружник работи со класата по флејта на Факултетот по музичка уметност во Приштина. Во 2011 година има работено на Државниот универзитет во Тетово, како пијано придружба на класата за канто и флејта. Пранвера имала соработки со Оперскиот хор на Косово и со Косовската филхармонија како пијанист. Член е на камерниот оркестар „Rexho Mulliqi“ и на Дуо Пијано, заедно со нејзината колешка Алба Мучоли Дехири.

Концертот на мецосопранот Бесиана Мехмеди и пијанистките Алба Мучоли Дехири и Пранвера Хоџа е со почеток во 18:30 часот, во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија