Во рамки на фестивалот „Скопско лето“, вечер од 20 часот во Културно-информативниот центар ќе биде отворена фотоизложбата „Провокативни лица”, на која се прикажани театарски маски на авторот Филип Цветковиќ од Србија.

На програмата на фестивалот вечер од 20 часот на Факултетот за ликовни уметности – (Сули ан) е и музичко-драмскиот концерт „Писмото пд кралот“, организиран во соработка со „Триангл плус“.

Идејниот концепт, сценариото и режијата се на Десанка Глигоријевиќ. Ќе настапат Марика Поповиќ – мецосопран, Андреј Наунов – пијано, Јане Дунимаглоски – тенор, труба и гитара.

Се работи за иновативен концерт за едукација на најмалите и опфаќа актуелни теми (екологија, бон-тон, јавно здравје итн.) испреплетени низ музика изведена во живо.

Концертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување настани и во продажба ќе бидат пуштени ограничен број влезници (на karti.com.mk и на влезот на објектот пред почетокот на настанот).

На „Скопско лето“ утре од 20 часот во Македонскиот народен театар ќе биде изведена претставата „Отело“ од Шекспир во режија на Нина Николиќ, во продукција на „Перипетија“ и копродукција со МНТ и БНП.

Во актерската екипа се: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Александар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.