На 2 и 3 јули се одржува 47-то издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Фестивалот е еден од ретките, кој и во пандемија не го прекина континуитетот, ниту заложбите за зачувување и негување на изворниот мелос. Пред почетокот на Фестивалот разговараме со проф. д-р Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и уметнички директор на Фестивалот.

Фестивалот ја „преброди“ пандемијата. Лани беше 46. издание, со сите протоколи и што е најважно – со успешно продолжување на континуитетот. Што беше најважно при такво „ризично“ време?

– Најбитно при такво „ризично“ време беше, пред сѐ, да останеме живи и здрави. Кога малку попушти пандемијата, собравме сили и го одржиме 46-тото издание на Фестивалот следејќи ги притоа протоколите на Светската здравствена организација. Поради тоа, Советот на Фестивалот одлучи да се пролонгира времето на одржувањето, па така, наместо во првиот викенд од јули, го одржавме на 28 и 29 август. Селекционата комисија на Фестивалот, јас – како уметнички директор и колегитеСтојанче Костов и Горан Василевски, решивме да поканеме мал број учесници за да се одржи континуитетот на Фестивалот. Па така, на двете фестивалски вечери присуствуваа околу 150 учесници. Донесовме одлука да ги поканеме само оние групи и поединци кои во изминатите години ги освоија најпрестижните награди, а тоа се Гран-при наградата и наградата „Гајдата на Пеце“.

Традицијата ја преживува пандемијата. Но, за жал, институцијата го загуби истакнатиот член, вљубеникот и пожртвуван поддржувач на изворното, секретарот на Фестивалот Златко Лашкоски. Тој израсна задоен со изворните звуци на Фестивалот покрај татка си, Илија Лашкоски, „другарот“ на нашиот Пеце Атанасовски!

– Со жалење можеме да констатираме дека нашиот драг колега и пријател Златко Лашкоски повеќе не е меѓу нас, но ни останаа спомените за убавите мигови низ годините поминати со него.

Годинава Фестивалот се враќа на „стариот“ термин. На 2 и 3 јули, значи почетокот на месецов. Што ќе понуди ?

– Да, годинава го вративме „стариот“ термин на одржувањето, а тоа е 2 и 3 јули. На годинашниов Фестивал ќе учествуваат 314 учесници, поединци и групи, од сите категории натпреварувачи, кои со своја програма ќе ѝ се претстават на фестивалската публика во двете фестивалски вечери. Па така, според програмата на Фестивалот, првата фестивалска вечер ќе се одржи во Прилеп со почеток во 20 часот на камената бина на плоштадот „Александрија“, а втората фестивалска вечер ќе биде, традиционално, во Долнени со почеток во 19 часот, на познатата „Рудина“. Исто така, во рамки на Фестивалот ќе се одржи и научна конференција насловена „Фолклорот во минатото и денес“, на која ќе учествуваат еминентни професори и научници. Конференцијата ќе се одржи на 3 јули во 11 часот во галеријата при Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Велиме Фестивалот ги негува континуитетот и зачувувањето на традициите на богатиот изворен мелос, но и пренесувањето на новите генерации. Продолжува и семинарот за изучување на изворните инструменти и песни. Како се остваруваат заложбите?

– Да, за сите овие фестивалски години се трудевме да го одржиме континуитетот со единствената цел: да се стимулираат учесниците (особено младите) во негувањето, зачувувањето и презентирањето на богатото музичко-фолклорно творештво на Македонците и на другите етнички заедници што живеат во нашата татковина. Тоа е и причината што решивме годинава да продолжиме со организирањето на семинарот за изучување на традиционални музички инструменти и песни.

Семинаристите годинава, 10-тина млади од Кочанско и Прилепско работеа неделава на онлајн работилниците. Има ли кај нив потреба од „некои нови трендови“, условно речено, или, какви афинитети пројавуваат?

– На годинашниов Семинар за изучување на традиционалните музички инструменти и песни присуствуваа (од понеделникот, 28 јуни до вчера, 1 јули) 15 семинаристи, а тоа се млади и талентирани младинци кои со задоволство прифатија да учествуваат на семинарот. Предавачи на овој семинар беа: Горан Василески, Горанчо Ангелов, Стојанче Костов и јас, Родна Величковска. Покрај теоретските предавања на тема „Музичко-фолклорната традиција во Мариовско“, семинаристите имаа и практична настава и ги изучуваа традиционалните ининструменти: гајдата и кавалот, тамбурата и тапанот, а секако и изворното пеење. Наставата се одржа онлајн преку „zoom“ – платформата, а резултатите од мастер класите по традиционалното свирење и пеење, ќе ги видиме на втората фестивалска вечер (в сабота, на 3 јули) на „Рудина“, Долнени, на која, на фестивалската публика ќе ѝ се претстават семинаристите со програма што ја научија за време на часовите.

Симпозиумот насловен „Фолклорот во минатото и денес“ ќе донесе нов зборник трудови. Што конкретно?

– Исто така, во рамки на Фестивалот ќе се одржи и научна конференција насловена „Фолклорот во минатото и денес“, на која ќе учествуваат 12 еминентни професори и научници. Конференцијата ќе се одржи на 3 јули во 11 часот во галеријата при Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп. Тие ќе се претстават со теми од областа на фолклористоката, етнологијата и етномузикологијата, претставувајќи ги на тој начин традиционалната култура и музичкиот фолклор на Македонците. Меѓу нас е и колегата кој на симпозиумот ќе се претстави и со традиционалната култура и музичкиот фолклор на Албанците. Зборникот на трудови е во подготовка и на 3 јули, пред почетокот на научната конференција ќе се промовира. Промотори се: проф. д-р Катерина Петровска–Кузманова и јас, проф. д-р Родна Величковска кои се и рецензенти на трудовите. Во секој поглед, не ги нарушуваме и цврсто стоиме на заложбите да продолжи негувањето и зачувувањето на изворниот мелос кој се пренесува од генерација на генерација низ вековите. Наша обврска е да го чуваме и да го знаат и младите, вели проф. д-р Величковска, уметнички директор на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.

Фестивалот „Пеце Атанасовски“ низ 47-годишното постоење ги зачува континуитетот и основните заложби за почит, негување и чување на богатиот изворен мелос.