Книжевниот настан „Фини деца со сликовници“ денеска ќе се одржи во Градскиот парк во Струмица. На настанот ќе биде промовирани сликовници и книги, а предвидени се и креативни работилници.
Предвидена е промоција на сликовницата „Споменик од песни“ од македонскиот автор за деца Видое Подгорец. Сликовницата е илустрирана од Ване Костуранов, а е прва книга во новата едиција сликовници на Темплум „Старо купувам“, што има за цел да ги спои старите и новите автори.
Програмата продолжува со промоција на книгата поезија „Девет преобразби во чудната шума“ од Пандалф Вулкански, придружени со илустрации од култниот јапонски илустратор за деца Такео Такеи.
Организаторите на настанот информираат дека разговорите со Вулкански и Костуранов ќе ги води Исток Улчар.
Во вечерните часови предвидена е промоција на сликовницата „Морис и фустанот со боја на мандарина“ од канадските авторки Кристин Балдачино и Изабел Маланфан. Премиерно ќе биде прикажана кратка анимирана видео сликовница според книгата, во обработка на Кети Талевска, со музиката на Алембик. За книжевните и развојните аспекти на сликовницата ќе разговараат Марија Бошковска, Ана Блажева и Фросина Крушкаровска.
– Креативните работилници со рециклирани материјали со Доротеј Нешовски и Ненад Тонкин ќе започнат од 18:30 часот и ќе бидат наменети за деца од сите возрасти. Децата ќе изработуваат куќички за птици и колажи од рециклирани материјали и ќе цртаат, информираат организаторите.
Во духот на рециклирањето, децата ќе имаат можност да ги донесат и да ги разменат или донираат старите играчки во хумани цели. Пријавите за работилниците се прават на имејлот: nesovskidoro@gmail.com.
За време на паузата ќе бидат прикажани изведбите од минатогодишниот концерт „Мојата омилена песна за деца“, а предвиден е и мал саем на книги за деца, со изданијата на Темплум, Сказнувалка и Гаврош.
Книжевниот настан „Фини деца со сликовници“ се одржа и на 1 јули во Младинскиот културен центар во Скопје.