Пратеничката во албанскиот Парламент и поранешна заменик министерка за внатрешни работи, Елона Ѓебреа ќе ја предводи делегацијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ на изборите во Бугарија што ќе се одржат на 11 јули 2021 година, јави дописничката на МИА од Тирана.
Четири години по ред, таа е член на извршното биро на Собранието на ОБСЕ и е на чело на важни изборни мисии како што се во Азербејџан, Грузија, САД и Ерменија.
– ОБСЕ и довери уште еден меѓународен изборен предизвик на албанската пратеничка Елона Ѓебреа. Тоа е важна позиција за парламентарните избори во Бугарија, во време кога овој процес се повторува за неколку месеци поради тамошната внатрешна политичка клима. Изборот доаѓа како резултат на нејзините достигнувања како член на извршното биро во Парламентарното собрание на ОБСЕ и известувач на Комисијата за економски прашања, наука, технологија и животна средина, пренесува агенцијата Балкан веб.
Се додава дека во рамки на одговорноста како шеф на делегацијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Ѓебреа започнала интензивно да работи на „подготовка на набљудувачката мисија, каде што ќе ја понуди целата своја експертиза во процесот на парламентарни избори и ќе остане во Софија, главниот град на Бугарија, до крајот на општите избори“.
Таа ќе го предводи тимот на меѓународни набљудувачи, со делегати од 10 земји членки на ОБСЕ, до завршувањето на овој процес во Бугарија.
– Изборите се очекува да стават крај на домашната политичка криза и од друга страна да дадат решение за надворешно-политичките позиции откако отворените прашања меѓу Бугарија и Македонија го казнија отворањето на преговорите за интеграција на Албанија во ЕУ, констатира агeнцијата.