Општина Охрид јавно ја објави физибилити анализата за оправданоста за долгорочно задолжување на општината, односно колку е издржана евентуална одлука, градот на брз рок да ги исплати доспеаните долгови преку долгорочно кредитно задолжување кај деловна банка.

Според анализата што е достапна на јавноста, во март годинава вкупниот тековен долг на Општината изнесува речиси 300 милиони денари, составен од главници, камати, процесни и извршни трошоци. Голем дел од долгот го сочинуваат затезни камати на доспеан долг, како и трансакциски и извршни трошоци што придонесуваат за зголемување на долгот.

Финансиската анализа предвидува две опции за раздолжување на Општината – преку банкарски кредит со отплата на десет години, со максимална годишна камата од пет проценти и две години грејс-период или отплата на долгот самостојно според можностите на општината.

Според првото сценарио, брза отплата на долгот по пат на долгорочен банкарски заем со грејс период од две години овозможува заштеда на речиси 66 милиони денари, што се значајни средства преку кои би се финансирале најразлични стратешки проекти и иницијативи. – Преку елиминирање на сите доспеани обврски уште во текот на тековната година би била стопирана судската одлука за блокирање на општината, се посочува меѓу другото во студијата.

Анализата укажува дека брзото сервисирање на доспеаниот долг и одблокирањето на сметките на општината би овозможиле непречено стратешко планирање на долг рок и непречено извршување на буџетот, можност за планирање значителни капитални проекти и нивно непречено финансирање, како и непречено остварување на стратешките цели на Општина Охрид на среден до долг рок и подобрување на економскиот просперитет и квалитетот на животот на локалното население.

Од Општина Охрид ги повикуваат граѓаните да ги изнесат своите ставови и мислења на официјалната електронска адреса на општината најдоцна до 19 овој месец. На 20 јули во големата сала на Општина Охрид ќе се одржи и јавна расправа на која ќе се дискутира за мислењата и сугестиите на граѓаните како и за опциите за раздолжување на градот предвидени со физибилити студијата.