Директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Ѓикиќ денес истакна дека ЦЕФТА, заедно со своите партнери, вложува големи напори да ја реализира идејата за Заеднички регионален пазар, како и да ги спроведе клучните активности од Акциониот план за Заедничкиот регионален пазар, што е можно поскоро за доброто на граѓаните и компаниите, јави дописникот на МИА од Белград..
-Кога ги сумиравме резултатите од 2020 година, која донесе многу предизвици, би можеле да кажеме дека ЦЕФТА ја олесни трговијата во тешки времиња, како и да ветиме дека таа ќе остане наш приоритет во 2021 година. Работиме на различни процеси, со кои компаниите ќе заштедат време и трошоци, изјави Ѓикиќ на самитот на земјите од Западен Балкан во Берлин.
Како што наведе, направена е значителна работа, на експертско ниво, а сега усвојувањето на овие важни одлуки треба да биде приоритет.
Зелените коридори на ЦЕФТА се проширени на сите премини во регионот, вклучително и железничките, и тие коридори ќе бидат проширени и кон Грција, како што најави премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис на Самитот во Берлин, соопштија од ЦЕФТА.
Статистичките податоци покажуваат дека приближно 80 отсто од камионите ги користат зелените коридори на ЦЕФТА, а 20 отсто од оние кои ги користат превезуваат стока од приоритетна потреба и остваруваат придобивки од приоритетното поминување.
Извештаите за валидација на АЕО програмата за Северна Македонија, Србија и Молдавија се завршени и подготвени се за усвојување, а се работи царинските управи да се согласат да ги признаат валидираните програми на АЕО програмата издадени на еден пазар на другите шест пазари.
Овој статус кој овозможува полесно царинење воопшто е клучен елемент во зајакнувањето на безбедноста на синџирот на снабдување, обезбедувајќи повеќе придобивки за трговијата.
Одлуката за олеснување на е-трговијата, со која се утврдуваат правила за е-трговија во рамките на ЦЕФТА, беше финализирана со усвојување на заеднички принцип на пазарот и усогласување на клучните правила, обезбедувајќи им на компаниите збир на правила за седум пазари, се вели во соопштението на ЦЕФТА.
Преговорите за професионални квалификации на експертско ниво се завршени, а постигнат е и значителен напредок во преговорите за решавање на спорови и отстранување на работни дозволи и туристички услуги, се вели во соопштението.