Стрип центарот на Македонија- Велес по иницијатива и соработка со Центарот за култура „Ацо Караманов“ од Радовиш, денеска и утре во овој центар за култура во Радовиш ќе го одржат првиот јавен стрип час за заинтересирани таленти од овој град.

Како што информира Томе Трајков координатор на СЦМ-Велес, според планот на првиот ден-денеска ќе се објасни суштината на стрипот како и фазите за изработка на еден стрип. После ова во попладневните часеви ќе започне практичната работа која ке заврши во вториот дел.

На крај од престојот на секој учесник ќе му се додели сертификат за учество, а ќе биде организирана стрип изложба со дела од последниот интернационален стрип конкурс „Златен Стрип – Велес 2020“.

Пријатно бевме изненадени од поканата од страна на директорката на Домот за култура Изабела Ангелова и нејзината иницијатива за ваков тип на активност. Уште повеќе заради фактот што самиот патрон на Центарот за култура, Ацо Караманов, се занимавал со карикатура и со стрип. Затоа решивме оваа иницијатива да ја преточиме во пракса, потенцира Трајков.

Информира и дека сите изработени стрипови ќе бидат вклучени во конкурсите организирани од страна на македонскиот стрип центар.

-Веќе се обезбедени повеќе од дваесет учесници со што ќе се зголеми кадровската основа на македонскиот стрип, најави Трајков.

Додава дека како СЦМ-Велес ја поддржуваат идејата оваа активност да прерасне во традиционална.