Во фокусот на грчката Влада се 82 општини во кои процентот на имунизациска покриеност е под 30 отсто, а се планира ангажирање на локалните власти, наставници, лекари, свештени лица и слично за поттикнување на населението да се вакцинира, пишува грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Весникот коментира дека станува збор за места со 10.000 до 50.000 жители, а 82 од вкупно 332 општини, претставува една четвртина од грчките општини, додека пак во 50 од нив, вакцинирано е помалку од 25 проценти од населението.

-Планот на Владата вклучува посети на лице место „од врата на врата“ со учество на локалните фактори, чие мислење е важно за локалната заедница. Затоа, освен градоначалниците, ќе се мобилизираат и свештените лица, наставниците, лекарите, бизнисмените и секоја друга личност, која локалните власти ќе ја наведат дека е способна да ги мобилизираа неговите сограѓани. Моделот, во суштина е ист како и за националните избори, пишува „Катимерини“.