Билатералните односи, соработката, туризмот, инвестициите, но и меѓународните и регионалните прашања, биле темите за кои телефонски разговарале премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и претседателот на Кина Си Џипинг, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што информираат од кабинетот на Мицотакис, разговорот бил по повод 15-годишнината од надградбата на односите меѓу Грција и Кина преку договорот за стратешка соработка од 2006 година.
Двајцата лидери се согласиле дека „Годината на култура и туризам Грција- Кина“, што официјално започнува во септември, а ќе трае и следната година е „соодветна можност за дополнително зајакнување на односите и за зголемување на туристичкиот проток меѓу двете земји“.
-Мицотакис и Си разговараа и за меѓународните и регионалните прашања, меѓу кои и односите ЕУ-Кина, а беше истакната важната улога што Кина може да ја има како постојана членка на Советот за безбедност на ОН во консолидирањето на стабилноста во Источен Медитеран, врз основа на меѓународното законодавство, информираат од кабинетот на Мицотакис
Грчкиот премиер го информирал кинескиот претседател за кипарското прашање, но и за односите на Грција со Турција, а било истакнато дека Грција е важен фактор на мирот во регионот, „факт кој работи во корист на меѓународната заедница, вклучително и на Кина“.
Си Џипинг го поканил Мицотакис на Зимските олимписки игри во 2022 година во Пекинг, а грчкиот премиер ја прифатил поканата. с