Охридското Доброволно противпожарно и хуманитарно здружение „ЕКО ФАП“ од синоќа го стави во употреба првото противпожарно возило. Со целосно реставрираниот камион-цистерна синоќа активистите на здружението ги полеваа дрворедите на улиците „Партизанска“ и „АСНОМ“.
Според објавата на нивната фејсбук-страница, активностите со првото реставрирано „ЕКО ФАП“ возило се спроведени во координација со Јавното претпријатие „Охридски комуналец“.
Здружението „ЕКО ФАП“ во изминатите неколку години, покрај јавните претријатија, беше мошне активно во расчистувањето диви депонии и отпрема на шут и стар мебел од атрактивни локации и излетнички места во околината на градот. За таа намена тие користеа препознатлив син ФАП, целосно реставриран и ставен во функција. Неодамна Здружението од Територијалната противпожарна служба во Охрид доби две дотраени противпожарни возила марка „ФАП 13 14“ од кои едното е целосно реставрирано и оспособено да ја врши функцијата за која е и наменето.
Активистите на „ЕКО ФАП“ велат дека не е нивна интенција да бидат некаква паралелна служба на доброволна база да се икористуваат постојните ресурси при каква било потреба независно дали ќе е тоа достава на вода за наводнување или помош при гасење пожар, но главно за одржување и заштита на околината и чистотата на Охрид. аб/хс/