Општата болница со проширена дејност од Кочани е подготвена од понеделник да ја почне кампањата за теренска вакцинација на населението против коронавирусот.
Во поголемите села во општина Кочани се обезбедени мобилни пунктови за вакцинирање со присуство на медицински лица, при што граѓаните без претходно закажан термин ќе можат да добијат вакцина за заштита од Ковид-19.
-Освен во селата во нашата општина, такви пунктови ќе има и во населените места во соседните општини Зрновци и Чешиново-Облешево, за што очекуваме соработка со локалните власти заради обезбедување соодветни простории. За имунизација на населението ќе се користат вакцини од производителите „Синовак“ и „АстраЗенека“, а за потребите на акцијата се обезбедени доволни количини, истакна Александар Серафимов, директор на Општа болница – Кочани.
За што поголема ефикасност и масовност во опфатот на граѓаните, освен во селата, се планира мобилни пунктови за вакцинирање да се отворат и во месните и урбаните заедници на подрачјето на градот.
Вакцинирање без закажување термин граѓаните можат да добијат и сега, за што е неопходно да дојдат во вакциналниот пункт во кругот на Општа болница.
Паралелно со отворањето на мобилните пунктови, од идната недела ќе почне и теренска имунизација на постарите, неподвижни и изнемоштени лица кои вакцината ќе можат да добијат во својот дом.