САД денеска повторно ги повикаа српските власти да спроведат целосна истрага за убиствата на тројца американски државјани, Јилиј, Аргон и Мехмет Битиќи, нагласувајќи дека „овој случај, како и многу други, укажува на итна потреба Србија да ја разреши незавршената истраги за воени злосторства и да се посвети на зајакнување на владеењето на правото, јави дописникот на МИА од Белград.

-Поминаа 22 години откако тројца Американци – Јилиј, Агрон и Мехмет Битиќи – исчезнаа за време на притворот од страна на српските специјални полициски сили. Нивните тела подоцна беа пронајдени во Петрово Село, источна Србија, во базата на единицата под команда Горан Радосављевиќ – Гури, соопшти американската амбасада по повод 22-годишнината од убиството на браќата Битиќи.

Браќата Битичи, како што се наведува, биле застрелани во главата додека рацете им биле врзани зад грб, а и по повеќе од две децении нема целосна истрага за тој случај. „Не можеме – и нема да го заборавиме ова злосторство“, се додава во соопштението.

Во него се нагласува дека правдата за браќата Битиќи и нивните семејства, како и одговорноста на оние кои го извршиле и го прикриле нивното убиство, останува еден од приоритетите во билатералните односи меѓу САД и Србија.

-Американската влада повторно ги повикува српските власти, кои со години ветуваат помош во врска со овој случај, да спроведат целосна истрага. Овој случај, како и многу други, укажуваат на итна потреба Србија да ги реши незавршените истраги за воени злосторства и да се посвети на јакнење на владеењето на правото, наведуваат од американската амбасада во Белград.

Браќата Јилиј, Мехмет и Агрон Битиќи беа американски државјани кои влегоа во Србија во 1999 година за да и се приклучат на ОВК и да се борат против српските безбедносни сили.

По завршувањето на војната, тие на 26 јуни 1999 година се обидоа во цивилна облека да им помогнат на две ромски семејства од Призрен да се преселат од Косово во централна Србија. Потоа беа уапсени за „нелегален влез во земјата“ (Сојузна Република Југославија) и следниот ден во судот во Прокупље беа осудени на 15 дена затвор.

Им беше дозволено од притвор да излезат три дена порано, но наместо да бидат ослободени, тие беа однесени во базата на Специјалните антитерористички единици на МВР на Србија во Петрово Село, каде се убиени, а потоа погребани во масовна гробница во која имаше тела на Косовски Албанци.

Нивните тела беа откриени во јули 2001 година во масовна гробница во Петрово Село, со врзани раце и рани од куршуми на задниот дел од главата.