Во Македонска Каменица интензивно се гради новата водоводна линија за подобрување на водоснабдувањето на околу 20 домаќинства кај местото викано Филтер станица.
-Станува збор за водоводна линија со должина од 660 метри, со која трајно се решава овој долгогодишен проблем на жителите од оваа населба во М.Каменица, информираа од Општината.
Градежните активности како што додадоа ги реализираат екипи на Јавното претпријатие „Камена Река“, кои веќе неколку денови интензивно работат на изградбата на новата водоводна линија, со која ќе се обезбеди чиста вода за пиење за потребите на домаќинствата од споменатата населба.
Паралелно како што дополнија привршува проектот за обезбедување чиста вода за пиење за жителите од Павлиш Дол.
-Во завршна фаза е уште еден проект на општина Македонска Каменица за изградба на 2,45 километарскиот водовод во село Моштица за потребите на домаќинствата корисници од приградската населба Павлиш Дол, дополнија од Општината.
Активностите според планираното се очекува да завршат до крајот на овој месец.