Mанифестацијата „100 илјади поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст-Струмица“, ги распиша конкурсите за поезија и плакат за 11. издание.

Поезијата, со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации, треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално.

Секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на фејсбук профилот на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 31 август 2021 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата, којашто ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението и потоа селектираните автори ќе бидат застапени во зборникот „100 илјади поети за промена-Македонија“, кој ќе биде издаден како дел од оваа манифестација.

Сите останати пристигнати песни ќе бидат објавени на официјалниот сајт на „100 илјади поети за промена“.

Mанифестацијата распиша и конкурс за дизајнерско решение на постери и плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот, а истите тематски можат да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој, мирот.

Дизајнерските решенија може да се испраќаат на poetizapromena@gmail.com или на фејсбук профилот на оваа манифестација најдоцна до 31 август 2021 година.

Пристигнатите дела ќе бидат изложени за време на изложбата, која е дел од манифестацијата „100 илјади поети за промена“, на 25 септември 2021 година во Струмица.

Манифестацијата е од меѓународен карактер и се одржува во повеќе светски и европски земји, а нашата држава е дел од истата уште од самиот почеток и поддржана од Општина Струмица.