Последните анализи потврдиле дека водата во Дебарското Езеро е исправа за капење и рекреација, потврдуваат од Центарот за јавно здравје од Охрид.
Додаваат дека според уредбата за класификација на водите, како и Правилникот за начинот и мерките на управување со водите за капење, техничките критериуми и целите на квалитетот на водата за капење, земени се мостри од неколку места каде што има најголема присутност на капачи.
– Мостри се земени од пет мерни места за физичко-хемиска и микробиолошка класификација. По направената анализа потврдено е дека водата кај месноста Мелнички Мост е втора класа, односно класифiкација добра, додека на плажите кај рестораните Мерак, Перла, Дема и Таверна Цами, водата е од прва категорија, класификација одлична, наведуваат од ЦЈЗ Охрид.
По изградбата на рестораните и уредените плажи, тие стануваат се масовно посетени од голем број дебрани, нашинците кои живеат и работат во САД или европските земји а одморот го минуваат во родниот крај, како и поранешни жители и нивните потомци, кои сега живеат главно во Скопје, како и други гости.
Кон крајот на минатиот месец, долж градската плажа, беше спроведена еколошка акција организирана од граѓански асоцијации, поддржана од неколку компании, како и локалната власт на Дебар, а активно беше вклучено и Јавното комунално претпријатие „Стандард”, кога беа собрани стотици вреќи пластичен и друг отпад.