Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска ја посети првата знаковна кафетерија во тој град, лоцирана во Старата битолска чаршија.

На средба со сопствениците на знаковната кафетерија, Петровска посочи дека идејата да се обезбеди простор за лица со оштетен слух е хумана и креативна.

– Ви честитам за храброста, бидејќи за да се започне приватен бизнис во денешно време е навистина тешко. Се радувам на заедничката средба и на можностите заедно да соработуваме во иднина, на различни проекти од значење за градот и за битолската чаршија. Вашиот пример е доказ дека љубовта и ентузијазмот можат да премостат многу граници им порача Петровска на Радмила и Мартин кои како лица со оштетен слух, нивната гостопримливост и отвореноста кон гостите ја покажуваат постојано, комуницирајќи на знаковен јазик.

Според Радмила и Мартин, амбиентот покрај реката Драгор, местоположбата на кафетеријата, им дава дополнителна радост и мотивација да направат и други приказни со кои и градот би бил препознатлив.

– Посетата на градоначалничката Петровска и дадената рака на поддршка од локалната самоуправа за нас е многу значајна и ова е пример многу важен за лицата со попреченост, во нивната намера да се отворени за промени и да не се повлекуваат пред животните предизвици, посочија Радмила и Мартин, сопственици на првата знаковна кафетерија во Битола.