На плоштадот „Карпошово востание“ во Крива Паланка вечерва ќе се одржи шестиот фестивал на староградска песна „Вечер на Осоговски песни“.

Настанот е во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка.

– По минатогодишната пауза поради пандемијата со Ковид-19, годинава продолжуваме со традиционалната манифестација, шестото по ред издание на фестивалот на кој се промовира и етаблира староградската македонска песна. На годинашното издание ќе настапат пет ансамбли на староградски мелос: „Распеани Паланчани“, од Крива Паланка, „Кратовски тамбураши“ од Кратово, „Распеани Радовишани“ Радовиш, Ансамбл „Табиет“ од Свети Николе и пејачка група „Мирка Гинова“. Фестивалот има ревијален карактер, а поддржан е финансиски како проект од годишната програма на установата финасирана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, изјави директорката на НУ Центар за култура Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.

Шестото издание на фестивалот ќе биде официјално отворен со настапот на Културно-уметничкото здружение „Распеани Паланчани“ кои ќе ја изведат „Подигнале Осоговски ветрови“.