Дигиталните професионалци од странство, ако претходно не се вакцинирани и кои веќе го искористиле своето право да влезат во Србија врз основа на негативен RT-PCR тест или потврда за прележан Ковид-19, сега добиваат можност да се вакцинираат во посебни термини со една од трите понудени вакцини: Фајзер БиоНТек, Синофарм или Спутник В, јави допсиникот на МИА од Белград.
Како што соопштија од српската влада на седница одржана на 1 јули, Владата усвои Заклучок за започнување програма за обезбедување посебни услови за вакцинација против Ковид-19 за дигиталните номади кои ја посетуваат Србија.
Формуларот за апликација за оние кои се заинтересирани за вакцинација е достапен на веб-страницата, и секој што ги исполнува потребните услови и презентира валиден доказ за работна активност како дигитален номад, добива можност да го закаже датумот на вакцинација.
Со донесување на овој заклучок и со обезбедување на специјална програма за вакцинирање, се поддржува меѓународната кампања на иницијативата BelgradeGets.Digital . Целта на кампањата е да се подобри позицијата на Белград и Србија како една од 20-те најатрактивни дестинации во светот за дигитални номади.